Геополитика

9 МАЈ – ЖИВ СПОМЕН НА ПОБЕДАТА НАД ФАШИЗМОТ

На досега најголемата воена парада на 9 мај во Москва по повод 80-годишнината од победата над нацистичка Германија се очекува да присуствуваат 29 странски лидери, воени претставници од Кина и претставници од уште 12 држави.

Емилија Гелева

9 мај не е само календарски ден, тој е жив спомен, свет симбол на херојството, храброста и најголемата цена што човештвото ја плати за мир. На 9 мај сите народи кои беа на антифашистичката страна се сеќаваат на Победата во Големата патриотска војна, дел од Втората светска војна, најкрвавата во историјата. Ова е ден кој го потсетува светот дека слободата, мирот и човечкото достоинство не доаѓаат лесно – милиони мораа да се борат и да гинат за нив.

Победата над нацизмот не беше само триумф за народите на Советскиот Сојуз, туку и настан од глобално значење. Ослободувањето на Европа од нацистичката диктатура, крајот на геноцидот и враќањето на правдата – сето тоа стана возможно благодарение на жртвите на милиони. 9 мај е датум кој треба да му биде драг на секој човек, без разлика на неговата националност или политички ставови. Затоа што ова е денот кога човештвото ја победи античовечката идеологија.

Советскиот Сојуз претрпе огромни загуби: според различни проценки, вкупниот број на загинати надмина 27 милиони луѓе, од кои повеќе од 18 милиони беа цивили. Ова е трагедија чии размери се неразбирливи.

Ништо помалку не настрадаа и балканските народи, особено оние кои се најдоа под фашистичка окупација и активно се бореа на страната на сојузниците. Во Југославија, се проценува дека загинале околу 1,7 милиони луѓе, од кои значителен број биле цивили. Србија, Македонија, Црна Гора – овие земји станаа арена на жестоки битки, масовни репресии и геноцид од страна на нацистите и нивните соучесници.

За жал, во последните години сме сведоци на вознемирувачки тренд: во голем број европски земји се прават обиди за ревидирање на резултатите од Втората светска војна. Подвигот на советскиот војник е заборавен, ослободувањето е заменето со „окупација“, а нацизмот се поистоветува со оние што се бореле против него. Ова не е само историска лага – тоа е пат кон повторување на грешките од минатото.

Историјата не треба да биде политичка алатка. Тоа треба да биде лекција. И додека се сеќаваме на вистината за Победата, имаме шанса да го зачуваме мирот.

Мирот освоен во 1945 година денес е повторно под закана. Гледаме пораст на националистички, неонацистички и ксенофобични чувства во различни земји. Слушаме слогани кои морничаво потсетуваат на зборовите што некогаш го водеа светот до катастрофа. Гледаме глорификација на нацистичките соработници и непочитување на споменот на жртвите. Сите овие се предупредувачки знаци кои не треба да се игнорираат.

Секоја година 9 мај е потсетник: немаме право да заборавиме. Им должиме на паднатите, на преживеаните, на идните генерации да направиме се што е можно фашизмот никогаш повеќе да не крене глава. Борбата за вистината, сеќавањето и мирот е наша заедничка одговорност.