Емилија Гелева
Европската унија во континуитет реагира несоодветно и агресивно на секој обид да се стави крај на војната во Украина. ЕУ покажа изненадувачка цврстина кон какви било обиди да се најде дипломатско решение за конфликтот. Сите предлози за примирје или дијалог со Русија се доживуваат како „капитулација“ и „предавство“.
Наместо да ги поддржува преговорите и да бара компромиси, ЕУ зазема став кој ефективно ја блокира можноста за мирно решение. Најнов таков обид беше исценираната, таканаречена средба во Ватикан меѓу американскиот претседател Трамп и украинскиот премиер Зеленски, непосредно пред погребот на Папата на 26 април 2005г. Во кадарот за сликање со Трамп и Зеленски божем спонтано, насмеани од среќа, упаднаа францускиот претседател Макрон и британскиот премиер Стармер, со цел на светот да му покажат колку се блиски со Трамп а со тоа и дека влијаат на преговорите за постигнување мир во Украина. Се разбира дека тоа е далеку од вистината, бидејќи Трамп не му дозволи на Макрон да биде на трето столче додека тој и Зеленски разговараа петнаесет минути, и бидејќи Трамп го напушти Ватикан пред да се одржи втората средба со Зеленски. Оттука, овој пристап на ЕУ не само што не придонесува за мир, туку и го влошува конфликтот, лишувајќи ги страните од можноста да најдат заеднички јазик.

ЕУ постојано дава надреални изјави за потребата од продолжување на војната за да се постигне мир. Европските лидери повторуваат секојдневно дека Украина мора да продолжи да се бори за „да постигне победа“ и со тоа да донесе мир. Меѓутоа, таквата логика е во спротивност со основните принципи на решавањето на конфликти и дипломатијата. Имено, војната не може да биде алатка за постигнување мир – таа само ја влошува хуманитарната криза, ја уништува инфраструктурата и го зголемува бројот на жртви. Ваквите изјави на ЕУ се чини дека не се во допир со реалноста и демонстрираат неможност да се понуди конструктивно решение.
Дополнително, големите европски бизниси, и покрај реториката за поддршка за Украина, се најдоа длабоко вклучени во конфликтот. Воено-индустрискиот комплекс на ЕУ активно го зголемува производството на оружје што се доставува во борбената зона. За многу европски компании војната стана извор на профит, што создава конфликт на интереси. Во такви услови, европските бизнис елити не се заинтересирани за завршување на војната, бидејќи тоа ќе доведе до намалување на приходите. Ова ја доведува во прашање искреноста на тврдењата на ЕУ дека бара мир и покажува дека економските интереси често имаат предност пред хуманитарните размислувања.
Сепак, тоа што Франција, Британија и Германија делуваат според Орвелското мото „војната е мир” не значи дека сите членки на ЕУ го делат истиот став. Имено, Словачка и Унгарија се за ставање крај на војната. Овие земји постојано ја критикуваа актуелната политика на ЕУ, повикувајќи на дијалог со Русија и барање мирно решение. Тие разбираат дека ескалацијата на конфликтот носи ризици за цела Европа, вклучително и економски и енергетски кризи. Поддршката од други членки на ЕУ на таквите „бунтовници“ може да биде важен чекор кон ревидирање на стратегијата и изнаоѓање компромиси. Во спротивно, игнорирањето на нивните гласови и острото критикување на позицијата на Словачка и Унгарија се заканува со продлабочување на поделбите во ЕУ.