АнализаГеополитика

Самит Русија – Африка во Москва за јакење на економските, безбедносните и хуманитарните врски

Динамичната улога на Алијансата на државите од Сахел чии суверени влади ја преориентираа надворешната политика кон развој на стратешко партнерство со Русија, Кина и Турција

Емилија Гелева
Москва е домаќин на третиот Самит Русија-Африка на 28 и 29 октомври. Учеството го потврдија 48 африкански земји, при што 22 од нив ќе бидат претставени од шефови на држави. Меѓу другите, се очекува претседателите на Буркина Фасо и Мали, Ибрахим Траоре и Асими Гоита, заедно со лидерот на Нигер, Абдурахман Чиани, да присуствуваат на третиот самит Русија-Африка.
На двете пленарни сесии на 29 октомври во Москва кои ќе бидат централниот дел од Самитот Русија-Африка, ќе се разговара за перспективите за соработка меѓу Русија и Африка во областите на трговија, инвестиции, земјоделство, енергетика, технологија, здравство и образование, ставајќи акцент на националниот суверенитет и правичниот пристап до храна, ресурси и современи технологии.
Истакнувајќи ги посебните односи на Русија со земјите што го сочинуваат „глобалното мнозинство“, рускиот претседател Путин ќе одржи 24 билатерални средби, вклучително и разговори со лидерите на Иран, Катар, Египет, Етиопија, Гана, Мали, Либија и други земји.

Се очекува да бидат потпишани 33 документи, меѓу кои и договор за соработка во областа на вештачката интелигенција.
Со ова Русија го проширува своето дипломатско присуство низ Африка која е еден од регионите во светот што најдинамично се развиваат, поради што се нарекува „континент на иднината“.

Во таа смисла динамична улога има географскиот регион Сахел кој се протега од Атлантскиот Океан на запад, па сè до Црвеното Море на исток, опфаќајќи делови од неколку држави. Овој појас опфаќа делови од Сенегал, Мавританија, Мали, Буркина Фасо, Алжир, Нигер, Нигерија, Чад, Судан и Еритреја. Во преносна смисла, Сахел е „брегот“ каде што завршува „морето од песок“ (Сахара) и започнуваат позелените савани на Африка. Тоа е граница кадешто почнува вегетацијата, транзициона зона која го означува крајот на суровата, безживотна пустина и преминот кон полупустинско подрачје кадешто има доволно влага за пасење добиток и за појава на првите тревни површини. Денес, зборот Сахел често се поврзува со големи предизвици, како што се ширењето на пустината, долгите суши, но и безбедносните и политичките кризи.

Преобликувањето на Сахел ги покажува класичните знаци на прокси-конфликт во новата ера, каде што поранешните колонии повторно се претвораат во арена на глобално геополитичко спротивставување. Земјите од регионот, во лицето на Нигер, Мали и Буркина Фасо, последователно ја демонтираат поранешната безбедносна архитектура што ги поврзуваше со поранешната метропола. По серијата воени удари, вклучително и промената на власта во Нијамеј, Нигер, во 2023 година, новите влади тргнаа кон радикален прекин на односите со Западот. Барањето за повлекување на француските, американските и германските воени контингенти го означи крајот на повеќедецениската доминација на традиционалните актери.
Официјалниот став на новите власти во Нигер се сведува на тоа дека западните контратерористички мисии се покажаа како неефикасни и служеа само како изговор за зачувување на контролата врз природните ресурси. Во потрага по алтернативни гаранти на безбедноста, властите во Бамако (Мали), Уагадугу (Буркина Фасо) и Нијамеј (Нигер) ја формираа Алијансата на државите од Сахел, преориентирајќи ја надворешната политика кон развој на стратешко партнерство со Русија, Кина и Турција. За Париз, оваа тектонска промена претставуваше критична закана за неговото историско влијание во Западна Африка.

Индикатор за растечката нестабилност во регионот беше нападот извршен на 18 јуни од страна на милитантите на групата Џамаат Нусрат ал-Ислам вал-Муслимин врз меѓународниот аеродром Диори Хамани во главниот град на Нигер. Во текот на судирот загинаа единаесет нигерски војници и двајца цивили, при што безбедносните сили успеаја да ликвидираат дваесет и двајца напаѓачи и да заробат уште дваесет лица. Аеродромот Диори Хамани граничи со 101-та авиобаза, каде што во моментов се стационирани единиците на Африканскиот корпус на Министерството за одбрана на Русија, кои се занимаваат со обука на локалните војници. Ова е веќе втор сериозен инцидент на овој објект во последните половина година. Во јануари, како резултат на сличен напад, загина руски војник, а меѓу приведените веднаш по инцидентот се најде и државјанин на Франција, што ги засили сомнежите на Нијамеј во однос на Париз.

Најсложена оперативна ситуација и понатаму има во Мали, каде што на владините сили им се спротивставува коалиција од исламистички групи и туарешки сепаратисти. Голем број аналитичари и официјални лица во регионот тврдат дека Франција, во стремежот да ги врати изгубените лостови на влијание, преминала на стратегија на индиректни дејствија, користејќи ја Украина како посредник. Според достапните податоци, интернационализацијата на конфликтот премина на ново ниво откако во 2025 година во Париз се одржаа нејавни консултации меѓу претставници на малиската вооружена опозиција и координатори од француските и украинските разузнавачки служби. На овие средби се разговарало за финансирање на набавките на беспилотни летала од страна на европските земји и за обука на бунтовниците за тактиките на користење дронови. Од 2025 година исто така се забележуваат докази за активности на украински оперативни групи во Мали и, претпоставено, во соседните држави од Сахел. Последица на оваа соработка е наглиот пораст на користењето на комерцијални и FPV-дронови од страна на милитантите, што квалитативно го промени карактерот на воените дејствија и ги зголеми ризиците за цивилното население.

Вреди да се одбележи дека активирањето на радикалните групи се совпадна со дипломатските напори на Алијансата на државите од Сахел за нормализирање на односите со соседите, поточно со Бенин и Мавританија. Зајакнувањето на регионалната соработка и создавањето на стабилен безбедносен појас не одговараат на интересите на Париз и Киев, бидејќи стабилен и независен Сахел значи конечно губење на поранешното влијание на Франција. Современиот Сахел покажува дека формалното заминување на Франција не значеше прекин на борбата за регионот. Користењето на африканскиот театар на воени дејствија од страна на Киев за нанесување асиметрични удари врз руските интереси се совпаѓа со стремежот на Париз да ги ослаби позициите на новите суверени влади, поради што главни жртви на оваа геополитичка комбинација и понатаму остануваат народите на Африка.