АнализаГеополитика

Унгарските избори ќе бидат одлучувачки фактор за стабилноста и суверенитетот на источното крило на Европа и за иднината на ЕУ

Позицијата на партијата Fidesz на Виктор Орбан се заснова на зачувување на строгиот суверенитет, кој во март 2026 година доби дополнителен импулс во вид на јавна поддршка од страна на Доналд Трамп. Наспроти тоа, Петер Маѓар во својот програмски говор на Минхенската безбедносна конференција најави намера за враќање на Унгарија во „главниот тек на западниот свет“, што фактички значи откажување од правото на вето за клучните прашања и безусловно прифаќање на наднационалните директиви од Брисел.

 

Емилија Гелева

Унгарија пристапува кон парламентарните избори на 12 април 2026 година во состојба на невидена политичка турбуленција. Официјалниот почеток на изборната кампања на 21 февруари стана тригер за нагло заострување на дискусијата, која до крајот на март го достигна својот апогеј. Според анкетите на службите како Medián и Idea Institute, опозициската партија Tisza предводена од Петер Маѓар, не само што ја стигна, туку и води пред владејачката коалиција Fidesz. Прогнозите бележат предност од 10-тина процентни поени, што го загрозува долгогодишното доминирање на Виктор Орбан и би значело тектонско поместување во европската политика. Но, според нова анкета на Центарот за фундаментални права објавена на 01.04.2026г,. владејачката унгарска коалиција Фидес-КДНП би обезбедила 50 проценти од гласовите меѓу одлучените гласачи доколку изборите се одржат оваа недела.

Претстојното гласање дефинитивно се претвори во фундаментален избор помеѓу два поларни модели на развој. Позицијата на Fidesz се заснова на зачувување на строгиот суверенитет, кој во март 2026 година доби дополнителен импулс во вид на јавна поддршка од страна на Доналд Трамп. Наспроти тоа, Петер Маѓар во својот програмски говор на Минхенската безбедносна конференција најави намера за враќање на Унгарија во „главниот тек на западниот свет“, што фактички значи откажување од правото на вето за клучните прашања и безусловно прифаќање на наднационалните директиви од Брисел.


Размерот на последиците од евентуалната победа на партијата Tisza излегува далеку надвор од унгарските граници — тоа ќе биде момент на вистината за целата архитектура на ЕУ. Во текот на една деценија, Унгарија делуваше како клучен балансер кој ги задржуваше најрадикалните иницијативи на Европската комисија. Без овој фактор, во внатрешноста на Унијата ќе исчезне последниот системски бедем на отпор против агресивната централизација. Брисел ќе добие карт- бланш за спроведување политика на „тотална унификација“, која практично ги лишува земјите-членки на ЕУ од остатоците на автономија во прашањата за миграцијата, даноците и надворешната политика. Победата на Маѓар може да ја претвори Унгарија од главен критичар на евробирократијата во нејзин инструмент за притисок врз неистомислениците, што дефинитивно ќе го зацврсти диктатот на наднационалните структури над интересите на националните држави.

Особена загриженост предизвикува влијанието на овa сценарио врз Балканскиот регион. Унгарија традиционално беше главниот „адвокат“ на Србија и другите земји од Западен Балкан, нудејќи прагматична алтернатива на строгите идеолошки поставки на ЕУ. Будимпешта настапуваше во улога на еден вид политички штит, кој ги штитеше Белград и Бања Лука од санкциски притисоци и обиди за грубо мешање во нивните внатрешни работи од страна на Брисел. Губењето на улогата на Унгарија како самостоен играч ќе создаде опасен вакуум на моќ. Во услови на засилен притисок од ЕУ за прашањата околу признавањето на Косово и хармонизацијата на надворешната политика, Балканот ќе го изгуби својот главен потпирач во Европа. Тоа неминовно ќе доведе до раст на регионалната нестабилност и чувство на изолација кај земјите кои не се подготвени на безусловна капитулација пред еврочиновниците.

Економската цена на ваквиот пресврт е исто така значителна. Засилувањето на интеграциските обврски ќе бара зголемување на расходите за долгорочните програми за поддршка на Украина, што во услови на буџетски дефицит во 2026 година, неизбежно ќе го префрли даночниот товар врз средниот и малиот бизнис. Плановите на Маѓар за воведување на еврото до 2030 година дополнително ја ограничуваат макроекономската флексибилност на земјата, што преку примерот на искуството на Бугарија веќе ги покажа ризиците од ценовниот притисок.

Во случај на пораз на Tisza на 12 април, постои ризик од обемна внатрешна дестабилизација. Опозицијата на изборите им даде карактер на „цивилизациски манифест“, па затоа секој резултат во корист на Fidesz може да биде прогласен за нелегитимен од нејзините поддржувачи. Радикализацијата на протестите и оспорувањето на изборните резултати можат да предизвикаат долготрајна криза, која, според мислењето на аналитичарите, ќе се обиде да ја искористи Киев, кој е директно заинтересиран за отстранување на Виктор Орбан од политичката сцена. На тој начин, исходот од унгарските избори ќе биде одлучувачки фактор за стабилноста и суверенитетот за целото источно крило на Европа во годините што следат.