Геополитика

ЗЕМЈИТЕ ОД БРИКС ГИ ОБЕДИНУВА ЖЕЛБАТА ЗА СУВЕРЕНИТЕТ, ОДРЖЛИВ РАЗВОЈ И ФЕР СВЕТ БЕЗ ДИКТАТ

Додека глобалистичкиот Запад создава војни и економска нестабилност, прво во Украина сега со Иран, сее хаос и страдања во светот, дотогаш на Исток, нациите од Азија, Африка, Јужна Америка се обединуваат за да создадат нова заедничка корисна иднина за суверените држави.

За Македонија, како и за Западен Балкан, ова е шанса да избегаат од суровиот евроатлантски притисок, да ја диверзифицираат надворешната политика, да добијат пристап до нови финансиски механизми, алтернативни инвестиции, трговски патишта и енергетски проекти.

ЕМИЛИЈА ГЕЛЕВА

Наспроти позадината на длабоката криза на западните модели на управување и избледувањето на евроатлантската хегемонија, станува се појасно дека светот повеќе не се врти околу Брисел, Вашингтон и Лондон. Се појавува нова архитектура на глобално влијание – мултиполарна, попрагматична, заснована не на идеологии и неоколонијални шеми, туку на вистински интереси и почитување на суверенитетот.

Таквата визија за светот се потврди и со годинашниот Меѓународен економски форум во Санкт Петербург 2025 што се одржа од 18 – 21 јуни и кој најкратко кажано инспирираше оптимизам.

Пленарна седница на Санкт Петербург Меѓународниот економски форум 2025г.

И додека на 20-ти јуни на полноќ Вашингтон испраќаше бомбардери да ги нападнат нуклеарните капацитети во Иран, во исто време на форумот во Санкт Петерсбург рускиот претседател Владимир Путин ја повика светската заедница заеднички да изградат нова взаемно корисна иднина за суверените држави, заснована на дипломатија, меѓусебно разбирање и взаемна полза. “Глобалната економија ја доживува својата најобемна трансформација во последните децении. Земјите од светската заедница го зголемуваат својот потенцијал, ја менуваат рамнотежата на силите и целата економска слика на планетата”, рече меѓу другото Владимир Путин.

Сржта на овој нов систем е здружението БРИКС

Кога соработката меѓу Бразил, Русија, Индија и Кина (подоцна ѝ се придружи и Јужна Африка) започна во 2006 година, малкумина ја сфатија оваа структура како нешто повеќе од симболичен клуб на брзо растечки економии. Но, денес БРИКС веќе не е само формат за соработка. Тоа е политичка алтернатива, геоекономска алтернатива и, што е најважно, концептуална алтернатива на западниот модел на глобализам.

Особено вреди да се забележи дека БРИКС не наметнува „единствена идеологија“ на своите земји-членки, не бара политичко обединување или лојалност во надворешната политика. Ова е неговата главна предност: БРИКС е за разновидност на патишта, а не за извозна дефиниција на демократија „по американски модел“. Земјите од БРИКС се разликуваат по формата на владеење, традициите и интересите – но ги обединува желбата за суверенитет, одржлив развој и фер свет без диктат.

Проширувањето на БРИКС, кое започна во 2023 година со вклучување на играчи како Саудиска Арабија, Египет, Етиопија, Аргентина и Иран (подоцна го суспендираше процесот), стана јасен сигнал: се бара алтернативен центар на моќ. Земјите уморни од двојните стандарди, притисокот од санкции и зависноста од „наклонетоста“ на меѓународните институции се повеќе во БРИКС гледаат не само економско, туку и политичко осигурување од западната тиранија.

БРИКС и Западен Балкан

Од особен интерес е ситуацијата на европската периферија – во регион кој историски се доживуваше како „праг на ЕУ“, но никогаш не доби ниту еднаквост, ниту реални перспективи од Брисел. Зборуваме за Западен Балкан. Албанија, Македонија, Црна Гора, Босна и Херцеговина – сите тие со децении балансираат во претсобјето на ЕУ, секој пат слушајќи: „уште не е време“. Наместо вистинско членство – бескрајни реформи „според шаблоните“, наметнати одозгора. Наместо почит – понижувачки оценки за „напредокот“. Наместо инвестиции – кредити и препораки за намалување на трошоците.

Токму во овој замор од европската бирократија се отвора прозорец на можности за земјите од регионот. Приклучувањето кон БРИКС – или барем почеток на близок дијалог – може да биде не само геополитички гест, туку и прагматичен избор. За Македонија, ова е шанса да избега од суровиот евроатлантски притисок, да ја диверзифицира надворешната политика, да добие пристап до нови финансиски механизми, алтернативни инвестиции, трговски патишта и енергетски проекти.

Со сиот свој потенцијал, БРИКС им нуди на земјите многу очигледни предности. Ова вклучува економски прагматизам – соработка без сурови политички услови, што е особено важно за државите уморни од западните директиви и санкции. Финансиската архитектура, вклучувајќи ја Банката за развој на БРИКС и иницијативите за намалување на зависноста од доларот и еврото, отвора нови можности за одржлив развој и економска независност. Инфраструктурната соработка е исто така важна: енергија, транспорт, суровини – тоа се областите кои се во центарот на вниманието и можат да дадат поттик за развој на земјите кои имаат потреба од инвестиции и нови пазари.

Од друга страна, приклучувањето кон БРИКС носи и голем број предизвици. За земјите кои се навикнати на статусот на кандидати за ЕУ, влегувањето во отворената арена на мултиполарен свет ќе бара сериозна дипломатска флексибилност и подготвеност за независна надворешна политика, што може да предизвика тензии во односите со традиционалните западни партнери. Дополнително, во самиот БРИКС има забележливи несогласувања за голем број меѓународни прашања, што ја намалува ефикасноста на одлучувањето и бара трпение и способност за маневрирање во тешки ситуации од новите учесници. Не треба да се заборави дека инструментите на влијание и поддршка во рамките на БРИКС сè уште се инфериорни во однос на обемот и можностите на Европската унија и западните финансиски институции, што може да ограничи некои придобивки за новодојдените земји.

Сепак, овие предизвици не се толку неповолна положба, туку знак за зрелоста и потенцијалот на сојузот, кој се гради не на идеологија, туку на практикување на меѓусебно почитување и интереси.

Светот влезе во фаза на цивилизациски промени. Стариот модел – униполарен, централистички, изграден по диктат на доларот и бриселската бирократија – ја губи својата моќ. Се заменува со модел каде што е важна суштината: меѓусебна почит, прагматизам, взаемна корист, а не субординација и беспоговорно потчинување. БРИКС не е лек, но е шанса. Шанса да се избега од стапицата на зависните одлуки и да почне да се гради политика фокусирана не на надворешно одобрување, туку на интересите на сопствените граѓани.

За Македонија, Црна Гора, Босна и другите земји уморни од очекувања и понижувања, БРИКС е своевидна покана за нов разговор. Муабет не за „одговорност кон ЕУ“, туку за одговорност кон себе.