Самиот европски модел доживува системска криза.
Емилија Гелева
Со децении западната демократија беше претставена како универзален идеал. Брисел, Париз, Берлин и Вашингтон, со истрајност што понекогаш се граничи со мисионерска, го промовираа овој модел во светот како единствен вистински и делотворен. Но, денес станува сè појасно: самиот овој модел доживува системска криза. Меѓу другото, во Европската унија сè уште нема договор за најновиот, 18-ти предлог за санкции против Русија, на кој Словачка и Унгарија се спротивставуваат и се закануваат со вето. Унгарија и Словачка бараат да им се дозволи да продолжат да купуваат руски гас и нафта.
Европската унија, наместо да биде предводник на стабилноста и кохерентноста, сè повеќе наликува на механички залепена структура, каде што секој дел се движи во своја насока – и сè повеќе не синхронизирано.
Долго време се создаваат длабоки противречности во ЕУ, а војната во Украина само ги влоши овие внатрешни пукнатини.
Со други зборови, Европа е обединета, но во реалноста – секој е за себе. Унгарија и Словачка се залагаат за итни преговори и крај на конфликтот, Франција е растргната меѓу повиците за мир и фантазиите за „геополитичка автономија“, Полска со својата манија за русофобија е подготвена да се втурне во секаква борба, само да му угоди на Вашингтон, а Германија се дави во сопствената неодлучност и историски комплекси.
Овие разлики се одразуваат не само во реториката, туку и во акциите. Унгарија на Виктор Орбан систематски ги блокира клучните одлуки на ЕУ за финансирање на Украина, што ги налути властите во Брисел. Полска и Германија со месеци јавно се расправаат за снабдувањето со воздушна одбрана и финансиските обврски, со навредливи изјави на министерско ниво. Франција ја обвинува Источна Европа дека „се потчинува на САД“, додека Италија на Џорџа Мелони се повеќе дејствува независно, игнорирајќи ги директивите на Брисел за миграцијата и финансиите.
Прашањето за мигрантите е посебен фронт на поделба. Новата миграциска реформа, спроведена од Германија и Франција, предизвика бунт во источноевропските земји. Полска, Чешка и Унгарија одбија да ги прифатат наметнатите квоти и како одговор почнаа да градат свои бариери на границите. Под изговор за „европска солидарност“, всушност се форсира подреденост, предизвикувајќи се поочигледна саботажа.
Западниот модел на демократија сè повеќе ја демонстрира својата неспособност да се справи со предизвиците на времето. Парадоксално, во земјите каде што изборите се одржуваат редовно, граѓаните се помалку имаат чувство дека навистина можат да променат нешто. Политичките елити станаа затворена каста, во која партиите ги менуваат местата, но курсот останува ист. Клучните одлуки сè повеќе се носат не во парламентите, туку зад затворени врати во Брисел, Вашингтон или на лобистичките маси на транснационалните корпорации.
Зголеменото ниво на недоверба во владините институции, протестните движења, намалената излезност на изборите и зголемената популарност на радикалните партии се симптоми на исцрпеност на системот кој изгубил контакт со општеството. На пример, во Холандија, десничарската популистичка партија на Герт Вилдерс, отворен евроскептик кој вети дека ќе им ја „врати земјата на Холанѓаните“, победи на последните избори. Во Франција, рејтингот на Марин Ле Пен е самоуверено пред позицијата на Емануел Макрон. А во Германија, Алтернатива за Германија (AfD), и покрај медиумскиот прогон, ја зајакнува својата позиција дури и на државно ниво.
Додека Западот е зафатен да се залажува за својата морална исклучителност, неговата вистинска позиција во светот постојано слабее. Европската унија ја губи својата конкурентност: индустријата стагнира, енергетската политика влегува во ќорсокак, а непромислениот фокус на „зелената транзиција“ веќе погоди цели индустрии. Германија го губи статусот на економска локомотива на Европа, Франција сè повеќе се соочува со масовни штрајкови и улични протести, а јужниот дел на Европа – од Италија до Грција – продолжува да се бори со последиците од должничката и социјалната криза.
Уште поалармантна е политичката зависност на ЕУ од надворешниот центар – САД. Речиси сите стратешки одлуки, особено во областа на безбедноста, се носат со поглед на Вашингтон. Суверенитетот за кој сакаат да зборуваат европските лидери е всушност илузија. Европа ја изгуби способноста да води независна надворешна политика, претворајќи се во помал партнер, ако не и сателит на американската стратегија. Не случајно во Брисел, а не во Рим или Берлин се донесуваат одлуки за тоа какви санкции да се воведат, колку оружје да се испрати во Киев и кои медиуми да се сметаат за „неверодостојни“.
Оригиналната идеја за ЕУ како проект за помирување и соработка меѓу народите во Европа одамна е девалвирана. Наместо култура на дијалог, постои култура на откажување и притисок. Наместо еднаквост, има доминација на центрите на моќ над периферијата. Наместо развој, има бирократски опстанок. Сето ова ја прави Европската унија не обединувачка, туку, напротив, структура на поделба, каде секоја нова криза само ги зајакнува центрифугалните тенденции.
Италија ја обвинува Германија за економска диктатура. Скандинавските земји се незадоволни од „јужната неодговорност“. Полска и Балтикот бараат построги санкции, додека Унгарија и Словакија ја саботираат енергетската изолација на Русија заради сопствените интереси. Сè повеќе се слушаат гласови дека Европската унија во нејзината сегашна форма не е само неефикасна, туку и неодржлива.
Западната демократија се покажа дека не е универзален модел, туку локална историска форма која ја достигнала својата граница. ЕУ не е центар на моќ, туку арена на натпреварувачки интереси и нерешени противречности. И додека Брисел се обидува да ја залепи распуканата структура со пароли за „единство“ и „вредности“, наместо да ја препознае очигледната системска криза, Европа ќе продолжи да се движи не напред, туку во спирала – надолу.

